Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, м-р Ане Лашкоска, денес присуствуваше и се обрати на завршниот настан на проектот „Еко-иновациски хаб“, кој се реализираше со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, а се одржа во просториите на Економскиот факултет во Прилеп. Со поздравни говори се обратија и проф. д-р Моника Ангелоска-Дичовска и деканкатана факултетот, проф. д-р Татјана Спасеска.
Во рамки на настанот беа презентирани резултатите од проектот, новоформираната лабораторија за еко-иновацииОбраќајќи се пред присутните, заменик министерката Лашкоска истакна дека ваквите иницијативи имаат клучна улога во поврзувањето на образованието, иновациите и заштитата на животната средина, нагласувајќи ја важноста на практичната примена на знаењето и активното вклучување на младите во зелената транзиција.
„Кога зборуваме за зелена транзиција, не зборуваме само за политики и стратегии, туку за знаење, вештини и луѓе. Ваквите хабови се места каде што младите не само што учат, туку создаваат решенија за иднината и стануваат активни носители на одржливи промени,“ изјави Лашкоска.
Таа додаде дека поддршката за проектот „Еко-иновациски хаб“ е дел од заложбите на Министерството за развој на зелени вештини, примена на иновативни технологии и поттикнување на циркуларни бизнис модели, во согласност со европските политики и Европскиот зелен договор.
Посебно беше нагласена активната улога на студентите, кои преку работилници и практична работа учествуваа во развојот и изработката на еко-производи.
Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветен партнер во поддршката на проекти кои придонесуваат кон одржливо образование, иновации и приближување кон европските стандарди за зелена и циркуларна економија.
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Агенцијата за планирање на просторот Александар Гелевски, се обратија на свечениот настан по повод 20 години од постоењето и работата на Агенцијата за планирање на просторот.
Настанот беше посветен на континуитетот, развојот и значајната улога на Агенцијата во системот на просторно и урбанистичко планирање, при што беше презентирана и видео-презентацијата „20 години континуитет“.
Во своето обраќање, Лашкоска истакна дека јубилејот ја потврдува улогата на Агенцијата како столб на стручност и професионализам, нагласувајќи дека со нејзиното формирање во 2005 година се зајакна институционалната рамка за изработка на просторните и регионалните планови, во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Таа потенцираше дека Просторниот план претставува визија за одржлив развој, рационално управување со ресурсите, климатска отпорност и зелена инфраструктура, информирајќи дека државата е во завршна фаза на подготовка на Нацрт-просторниот план, кој ќе биде целосно дигитализиран и усогласен со европските стандарди.
Министерството ја потврдува својата заложба за унапредување на просторното планирање како клучна јавна политика, преку примена на современи методологии и интеграција на климатските и еколошките аспекти, со цел обезбедување паметен, балансиран и одржлив територијален развој во интерес на граѓаните и животната средина.
Ве информираме дека во функција е нов веб портал за квалитет на воздухот на МЖСПП на кој што може да пристапите преку постоечката адреса https://air.moepp.gov.mk. Податоците од сите мониторинг станици како и досега може да ги гледате во реално време. Новитет е тоа што истите се споредуваат со новиот индекс, кој е во согласност со Европскиот индекс за квалитет на воздух кој започна со примена од 04 јули 2025 година. Веб страната има подобрени перформанси, подобрени анализи во делот на надминувања на граничните вредности во тековната година како и годишни анализи за претходни години.
Исто така е пуштена и мобилна апликација за приказ на податоците за квалитет на воздух за Андроид и iOS чии што линкови за превземање може да ги најдете на веб страната.“
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, заедно со претставници на Народниот правобранител, УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права при ОН, даде воведно обраќање на конференцијата „Човекови права и животна средина – Унапредување на пристапот до правда и институционална одговорност“, што се одржа во Скопје.
Настанот, организиран од УНДП во соработка со Канцеларијата на Народниот правобранител и OHCHR, се реализира во рамки на проект за јакнење на улогата на Народниот правобранител во областа на еколошката правда, по повод Меѓународниот ден на човековите права.
Конференцијата обезбеди платформа за дијалог за еколошките права како составен дел од човековите права, со фокус на пристапот до информации, учество во процесите и пристапот до правда, како и институционалната отчетност и координација.
Во своето обраќање, Лашкоска нагласи дека правото на здрава животна средина е уставно загарантирано човеково право и истакна дека Министерството останува посветено на транспарентни, инклузивни и отчетни политики.
Преку тематските панели за еколошката правда и улогата на локалната самоуправа, беше потенцирана потребата од силни и координирани институции, при што присуството на градоначалници ја нагласи важноста на локалното ниво во креирањето ефективни еколошки политики.
Министерството за животна средина и просторно планирање ја потврди својата заложба за унапредување на правната рамка и институционалната одговорност, со цел обезбедување чиста, здрава и безбедна животна средина за сите граѓани.
